На лице место е фатен пироманот кој подметна пожар во Крива Паланка

by fokus

Борова шума, даб, стрништа и трње на површина од 60 хектари се изгорени во пожарот кој избувна вчера во Кривопаланечкото село Габар и кој гореше речиси 24 часа. Од противпожарната единица на Крива Паланка велат дека денеска повторно бил разгорен и тоа на четири различни локации.

Командирот на ТППЕ Крива Паланка Иле Коцевски, вели дека пироманот кој бил заслужен за нивно предизвикување, денеска бил ставен на лице место. Осомничениот е однесен во полициска станица на распит.

– Гореше на четири различни локации, а пламенот се соедини. Интервениравме брзо и успеавме да го изгаснеме и ликвидираме пожарот, а на лице место успеавме и да го фатиме лицето кое ги подметна пожарите, изјави Коцевски.

Ова е седми пожар на подрачјето од Крива Паланка во септември, а во август се бележат дури 27 интервенции. Причината за настанување во најголемиот процент била човечки фактор.

Поврзани новости