Целиот регион мора да оди напред, кон ЕУ и НАТО, а само ако регионот ја унапреди соработката може да ги оствари овие стратешки цели, порача премиерот Зоран Заев на регионалната „Економска конференција на Црна Гора 2017 – предизвици на патот кон ЕУ“ што се одржува во Будва.
Премиерот Заев порача пред бизнисмените од регионот дека е важна успешната соработка помеѓу државите, бидејќи само заедно, како поголем економски пазар, можат да бидат поатрактивни за меѓународната економска и бизнис заедница.
-На крајот се се сведува на економија, дури и нашето членство во ЕУ и НАТО. Мора заедно да ја испраќаме пораката во нашите држави дека многу работи зависат од нас. Преку размена на искуствата, мобилност, квалификувана работна сила, политичката клима на соработка, соработката на коморите, искоренувањето на корупцијата праќаме силен сигнал дека овој регион може да биде атрактивно место за инвестирање – додаде премиерот.
На коференцијата присуствуваше и бизнис делегација од Стопанската комора на Македонија предводена од претседателот Бранко Азески, а во состав: Минчо Јорданов, потпретседател на Стопанската комора на Македонија и претседател на Управниот одбор на „Макстил“ АД – Скопје, Светозар Јаневски, генерален менаџер на „М6 инвестиции“, Доне Таневски, претседател на Бордот на директори на „Македонијатурист“ АД – Скопје, Страшо Милковски, потпретседател на Стопанската комора на Македонија и претседател на Управниот одбор на АД „Гранит“ – Скопје, Живко Мукаетов, потпретседател на Стопанската комора на Македонија и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД – Скопје и Никола Битрак, генерален менаџер на „АФ Консулт“– Скопје.