На Камчев утре му истекува притворот, обвинителство бара да остане во “Шутка”

by fokus

Бизнисменот Орце Камчев веќе три месеци е во притвор во истражниот затвор “Скопје”, како еден од осомничените во “Плацевите на Водно”.

Утре му истекуваа последното продолжување на притворот од 30 дена, поради што Кривичниот суд ќе мора повторно да одлучи дали и понатаму бизнисменот ќе остане во притвор, или можеби ќе му биде одредена друга мерка или пак ќе се брани од слобода. Од Кривичниот суд ни одговорија дека одлуката ќе биде донесена утре.

-Притворот определен према лицето Ј. К. истекува на 11.06.2021 година, од тие причини кривичниот совет на овој суд во текот на утрешниот ден ќе одлучува по однос на евентуално продолжување на притворот, одговорија од Кривичниот суд за “Фокус”.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција остануваат на ставот дека Камчев и понатаму треба да остане во притвор бидејќи околностите за кои ја барале мерката се уште не се променети.

Претходно, Камчев нудеше и гаранција од 1,7 милион евра за да се брани од слобода, но таа му беше одбиена бидејќи според Апелацискиот суд и натаму постои опасноста од бегство.

Кривичниот суд наскоро ќе треба и да го оцени обвинението за “Плацевите на Водно”, кое беше поднесено пред еден месец. Доколку добие зелено светло, тогаш набрзо ќе стартува и судењето.

Освен Камчев, во овој случај осомничен е и екс премиерот Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, екс директорот на УБК Сашо Мијалков, мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Според обвинителството, од 2006 до 2012 година, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиски донации што ги добивал лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница. Но за време на истрагата беа откриени и уште два нови стана и ново градежно земјиште, кои од неодамна на барање на обвинителството се замрзнати.

Валентина Вурмо

Поврзани новости