Откако денес јавноста се разбуди со лошата вест, дека ненадејно починала нашата поранешна ракометна репрезентативка Јулија Портјанко Николиќ, на свои 38 години, актуелни се прашањата што и се случило на младата жена, поранешен успешен спортист, која остави траен белег во македонскиот спорт.
Утринава, нејзини поранешни соиграчки од Кометал, за ,,Фокус” открија дека причината за смртта е срцев удар, но тогаш се уште немале конкретни детали како се случил настанот кој сите ги потресе.
Во разговор за ,,Фокус” сега раскажуваат за последните моменти од животот на нивната колешка, со цел да нема дезинформации и јавноста да биде точно информирана, бидејќи се работи за јавна личност, омилена ракометарка на многу генерации, која секогаш им била пример за истрајност, големо другарство и фер игра.
-Јулија имаше тежок период зад себе, бидејќи подолг период се обидуваше да го оствари својот сон, да стане мајка. Знаеме дека имаше обиди за ин витро, и имаше моменти кога беше навистина тажна. Но, пред неколку години го отвори ресторанот ,,Брискет бар”, нештата беа добри, таа беше исполнета со позитивна енергија, си функционираше најнормално. Пред две недели се видовме, ништо не навестуваше дека има здравствени проблеми, се беше во ред – раскажува нејзина блиска поранешна соиграчка, додавајќи дека сите од Кометал се многу потресени и не можат да се совземат од веста.
Околу шпекулациите кои се појавија на социјалните мрежи кај нас, но и во Хрватска, каде се објави веста за нејзината смрт, и прашањата од јавноста дали евентуално била позитивна на ковид или пак неодамна вакцинирана, вели дека нема ништо од тоа.
Појаснува дека Јулија заедно со сопругот и со уште еден пар заминале во соседна Грција за продолжениот викенд.
Во близина на Велес и се слошило и запреле со автомобилот.
-Запреле кај бензинска станица и таа паднала во бесознание. Другарка и и пружила прва помош, се свестила за кратко, ја вратиле, но потоа повторно се изгубила. Сите обиди им биле безуспешни, не можеле ништо да сторат. Кога дошла брзата помош констатирале смрт, срцев удар. Беше многу борбена, многу силна жена, единка на нејзините родители. Во шок сме сите, во неверување – раскажа нејзина соиграчка од времето кога беа активни во ракометот и нижеа успеси.
Инаку, Јулија по потекло беше од Украина, а во Македонија дојде во 2003 година. Таа доби македонско државјанство, и играше за репрезентацијата на Светското женско ракометно првенство во 2009 година. Во 2015 година стави крај на ракометната кариера, и изјави дека сака да го прошири семејството, па поради тоа заминува среќна.
Вики Клинчарова