На Јовановски, таткото на Боки 13, му се заканува казна од шест месеци до 5 години затвор, но во игра е и условна казна

by fokus

Во Кривичниот суд денеска ќе биде објавена пресудата за Миле Јовановски, татко на Боки 13, кој беше обвинет за физички напад на свештеникот Виктор Стојчев.

Јовановски на минатото рочиште призна вина.

-Има многу големо сомневања кај мене дали сум виновен или не, но сепак го признавам делото, рече Јовановски, кој се воздржа да каже се што сакаше пред судот, и неволно додаде „добро го признавам делото во целост“.

На Јовановски му се заканува казна затвор од шест месеци до пет години, односно беше обвинет за кривичното дело „Тешка телесна повреда“ од член 131 став 1 од Кривичниот Законик. Сепак Јовановски може да добие и условна казна, бидејќи призна вина.

Според обвинението, Јовановски на 7 јануари 2017 година физички го нападнал Стојчев по расправија за паркинг место, по што му нанел физички повреди, од кои и скршеница на зглобот на ногата.

Обвинителката во завршните зборови побара Јовановски да биде казнет според законот.

Адвокатката на Јовановски пак истакна дека попот Стојчев имал допринос кон немилиот настан, бидејќи упатил навредливи зборови кон синот на Јовановски, што не доликувало на професијата која ја има.

Таа потенцираше дека нејзиниот клиент е невработен, со лоша здравствена состојба, а бил и видно потресен бидејќи прв пат доаѓал во судир со законот.

-Од тие причини го молиме судот да ги цени сите наведени околности како олеснителни и да му изрече некоја поблага санкција, рече адвокатката на Јовановски на минатото рочиште.

В.В.

Поврзани новости