Вкупно 1687 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови. Има околу 340 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 68 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 688 лица сомнителни и потврдени за Кoвид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.
Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 999 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Во последното деноноќие, во Скопје на Интерните и хируршки клиники имало 29 приеми.
Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 23 примени пациенти и седум биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени тројца нови болни, а двајца пациенти биле примени на Клиниката за детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени пет пациенти.