Починатиот 25-годишен пациент од Ковид-19 имал Даунов синдром

by fokus 12:40
12:40

Во вчерашната статистика на починати лица од Ковид-19 се најде и 25-годишен пациент од Гевгелија.

Јавноста вознемирено реагира секогаш кога млади лица ја губат битката со болеста, а на прашањето каде се лекувал пациентот и дали имал хронични болести, од МЗ дадоа само кратко појаснување дека бил пријавен во приватната болница Систина и имал хронично заболување. Не наведоа за какво заболување станува збор.

- Advertisements -

Епидемиологот од Гевгелија, д-р Сашко Олумчев, на нашето барање за повеќе детали за настанот, одговори дека станува збор за лице кое имало Даунов синдром. Поради тоа што момчето со своето семејство подолг период било преселено од Гевгелија во Скопје, тој немаше други информации за случајот.

Ова не е прв пат во земјава да почине младо лице со Даунов синдром од последици на Ковид-19. Пред седум дена 19-годишна девојка, суспектна на вирусот, со Даунов синдром, почина во битолската болница. Не била тестирана, бидејќи постмортем брисеви не се земале веќе една година, па затоа и не беше внесена во евиденцијата на лица кои починале од вирусот. Таа е најмладото лице починато во битолскиот ковид центар.

На почетокот на февруари годинава, од последици од корона вирус почина момче со Даунов синдром, на свои 27 години. Тоа беше штитеник во Специјалниот завод Демир Капија, по потекло од Пробиштип.
Минатата година во април од последици на Ковид-19 почина 25-годишен пациент со Даунов синдром од Скопје.

Исто така, лани во август, битката со вирусот ја изгуби 22-годишно момче од Скопје со Даунов синдром.

Лицата со Даунов синдром најчесто спаѓаат во ризичните групи, кога е вирусот во прашање, поради кревкото здравје. Поради нарушувањето на хромозомот 21, застапени се проблеми во физичкиот и металниот развој на лицето, но со медицинска нега и интервенција, како и со поддршка од заедницата, овие лица успешно се интегрираат во општеството и можат да имаат долг животен век.

Вики Клинчарова

Поврзани новости