На Груевски, Мијалков и останатите обвинети од СЈО ќе им се суди дури по локалните избори

by fokus

Поранешните владини функционери, Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков и уште многу други, против кои СЈО поднесе обвиненија поради сомнеж за сторен криминал, најверојатно нема да седнат на обвинителна клупа пред оддржувањето на локалните избори, кои се закажани на 15 октомври.

Ова се предвидувањата на извори од СЈО, со оглед на тоа дека судиите се на одмор до крајот на август, а потоа според досегашната динамика на нивната работа очекувано е оценувањето на обвинителните акти да го завршат за повеќе од два месеци, по што доколку дадат позитивна оцена, би стартувале судските рочишта.

Според Законот за кривична постапка, оценувањето на обвинителните акти ги врши судија поединец кога е запретена затворска казна помала од десет години, а кога се заканува поголема казна тогаш на потег е советот на судии. При оцената, судијата поединец или советот можат да одлучат да го одобрат обвинителниот акт, да го отфрлат или доколку утврдат технички грешки да го вратат назад кај обвинителот на поправка.

Доколу обвинението е одобрено, главната расправа се закажува во рок од 30 дена од приемот на обвинителниот акт, или 60 дена доколку станува збор за дела од организиран криминал.

СЈО кон крајот на јуни до Кривичниот суд достави 17 обвиненија, за 18 предмети, во кои главните обвинети се од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

В.В.

Поврзани новости