Советничката група од ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи иницијатива за повластено паркирање на лица со попреченост од цела држава откако велешанка објави на фејсбук дека била казнета од „Градски паркинг“ да плати 3.000 денари затоа што паркирала на место за хендикепирани лица, иако нејзиното возило имало инвалидска ознака. Објаснувањето на службениците од градското претпријатие било дека, иако велешанката уредно платила за паркирањето, овие паркинг места не се наменети за хендикепирани лица од другите градови, туку само од Скопје.
„Советничката група во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија до Претседателот на Совет на Град Скопје поднесе барање за дополнување на дневниот ред со точка предлог иницијатива за изменување на Програмата за повластено користење на паркинг услуги на јавните паркиралишта и површини наменети за паркирање со кои стопанисува ЈП „Градски Паркинг“ Скопје од страна на лица со попреченост за 2023 година. Целта на оваа иницијатива е ЈП „Градски паркинг“ Скопје да обезбеди можност за паркирање на лица со попреченост под исти услови независно од нивното место на живеење и да ја прошири листата на дијагнози на лица со попреченост“, велат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму очекуваат поддршка и од останатите советнички групи во Советот на Град Скопје за да биде изгласана оваа иницијатива.