Откако поранешниот висок функционер на ДУИ Изет Меџити, кој во меѓувреме формираше нова партија – Демократско движење, пред неколку дена излезе во јавност со тврдење дека за амнестија на поранешниот премиер Никола Груевски се преговарало во претседателскиот кабинет на Водно на 9-ти Мај, денеска стигна одговор од претседателот Стево Пендаровски.
–Во мојот кабинет, никогаш немало моја средба со никого, со ниту еден политички актер или неполитички актер, на која е договарана амнестија за Груевски. Бидејќи мојот став, за помилување станува збор, за евентуално помилување на Груевски сум го кажувал со години, е дека нема тоа да го направам.
Во однос на конкретната изјава на Меџити, тоа ме чуди бидејќи се работи за искусен политичар и се познаваме лично. Можел тоа да го провери и кај мене. Спомнува за наводната средба кај мене дека наводно се одржала на 9-ти мај. Проверувам во календарот кај мене. Освен стандарден работен состанок со моите вработени, точно во 12 часот на 9-ти мај кај мене во кабинетот бил само Африм Гаши. И се разбира дека не сме разговарале за помилувањето на Груевски – рече Пендаровски од Њујорк во интервју за МРТВ.
Претходно, прво „Фокус“ објави дека Пендаровски бил убедуван да го помилува Груевски, по што тој јавно ја потврди оваа информација, појаснувајќи дека за ваква можност бил консултиран пред 7-8 месеци на неформално ниво од „некои актери на политичката сцена“. Подоцна, тој додаде дека тоа го барале политички и безбедносни структури блиски до опозицијата.
Арно ама, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и албанската опозиција реагираа дека власта е таа која барала амнестија за Груевски. Во таа насока, Меџити тврдеше дека тоа се случило на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, а лидерот на Беса Биљал Касами посочи дека токму затоа ВМРО-ДПМНЕ била против измените на Кривичниот законик.
–Не е точно дека некој од опозицијата побарал од Пендаровски да го помилува Груевски, тоа го направиле владејачките партии. Не треба многу тоа да го потврди претседателот на државата. Беше на Денот на Европа во неговиот кабинет. Така што не зборуваме на памет – рече Меџити на ТВ Клан.
Во кабинетот на Пендаровски се преговарало за амнестија на Груевски на 9-ти мај?
Сепак, Пендаровски го отфрла тоа и тврди дека на 9-ти мај се сретнал само со лидерот на Алтернатива Гаши, кој претходно изјавата на претседателот дека му била побарана амнестија на Груевски ја оцени и протолкува како одговор на неговото прашање дали Али Ахмети барал од странците амнестија на Груевски и како потврда на неговата информација дека владина делегација била во Бидумпешта.
Гаши смета оти Пендаровски потврдил дека Ахмети барал амнестија на Груевски!
Откако Христијан Мицкоски јавно го обвини претходникот Груевски дека е во тајна комуникација со власта за уставните измени со цел амнестија, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ ги негираше таквите обвинувања. Притоа, тој на Фејсбук напиша дека разбрал оти „крунскиот доказ“ на Мицкоски против него бил „некој наводен стенограм од средба на власта кај Пендаровски“, каде, според него, си правеле „крчма без крчмар“.
„Не знам дали копијата од тој документ е реална, односно дека не е фалсификувана и подметната, но дури и да не е, некој треба да му каже на Мицкоски дека ако јас сакав да се пазарам имав неколку прилики уште додека бев во Скопје, но ги одбив. Таа дискусија ако постоела можно е да е мотивирана од фактот што раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а пред се Мицкоски, во многу наврати јавно говори дека ако тој станел премиер ќе ме апсел.
А дека тоа навистина го посакува е фактот не само што нема никаков контакт со мене веќе пет години, туку се најлошо говори на сите за мене, лаже, подметнува, раскажува невистини со голема омрза кон мене, им зборува на луѓе дека тој ќе ме донел во Идризово, изразува нетрпение и видлива фрустрација што воопшто постојам и што сум жив. Очигледно, тој би бил најсреќен да ме удри некој трамвај во Будимпешта“, напиша тој.
Оттука, факт е дека имало средба на која во присуство на Пендаровски се воделе преговори или консултации, сеедно, во врска со евентуално помилување на Груевски, во што шефот на државата одбил да учество. Единствено, различни тврдења има околу тоа кој присуствувал на средбата и кој барал амнестија на Груевски?
Инаку, неделникот „Фокус“ пишуваше дека уште пред да поминат измените на Кривичниот законик, функционери на ДУИ брифираа дека Ахмети ги уверувал оти води сериозни преговори со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, како и дека работи на враќање на Груевски, при што се споменува Врховниот суд.
Ахмети тврдел дека има план за Груевски – ќе помогне од далечина или ќе се врати во земјава?
Влатко Стојановски