НА БРАНИКОТ НА СЛОБОДАТА

by Фокус

Арбен ГОЉА

Уште еднаш покажавме дека како нација немаме капацитет, а ниту традиција, да имаме и да си ја сочуваме државата. Ова го потврдуваме повеќе пати низ овие 25 години од осамостојувањето на Република Македонија. Навикнавме во нашата неспособност во критични моменти да очекуваме нашите проблеми и кризи да ги решава некој од надвор, односно меѓународната заедница и САД.

Сега сме разочарани и резигнирани што овие истите не реагираат и според нашите нелогични очекувања да интервенираат при распуштањето на собранието, како знак дека вонредните избори закажани за 5-ти јуни ќе се одржат, иако апсолутно не се исполнети основните услови предвидени во Договорот од Пржино.

Главна причина за овој крах и опстанокот на овој ненароден и криминоген режим е, по мое мислење, погрешната стратегија и проценка на најголемата опозициска партија СДСМ. Се сеќавам дека на 27 јуни 2015 година, присуствував на една голема свадба во Струмица каде имав прилика, сосема случајно, да се сретнам со лидерот на СДСМ, г-динот Зоран Заев, на терасата на хотел Сириус.

Си дозволив да му замерам што прифати да преговара со режимската власт, бидејќи по мое длабоко убедување нема преговори со нечесни криминалци кои ни ја ставија државата под нозе и ја доведоа до работ на пропаста. Уште повеќе што СДСМ немаше мандат за тоа, бидејќи протестите и демократската борба против оваа режимска власт беше покрената од граѓанскиот покрет и невладините организации, на кои СДСМ како најголема опозициска партија им се придружи. Со ваквото самостојно постапување тие не ја искористија оваа моќна кохезија на граѓанското соединување од припадници на сите етнички заедници, како преседан во поновата историја на Македонија, во борба за рушење на Никола Груевски и неговата клика.

Чинам дека во тие моменти преовладаа тесно партиските интереси, да се стават себеси како лидери на ова движење и идни претенденти на власта. На овој начин тие се одвоија од цврстото граѓанско ткиво и влегоа во преговори, со што всушност јасно ја покажаа својата слабост, инфериорност и неспособност.

Денес е повеќе од очигледно дека владејачкиот режим овој погрешен пристап и неумешноста на опозицијата ги искористи до максимум. И повторно сме сега на почетокот како пред десетина месеци, но сега во уште подраматична ситуација.

Сега СДСМ најавува дека ќе ги бојкотира изборите на 5-ти јуни и повикува повторно на широк граѓански фронт, што е храбро и одважно.  Но, овој пат треба да покаже искреност и да ги увери граѓаните дека се бори за слободна и демократска Македонија а дека императивот да дојде на власт не е доминантен и задолжителен, како јасен сигнал на граѓаните дека тоа ќе биде нивен слободен избор по ослободувањето на земјата од злото наречено Никола Груевски.

Ова не е борба на СДСМ против нивните политички опоненти ВМРО -ДПМНЕ, туку борба на целиот слободоумен народ во Македонија против Никола Груевски и неговото злосторничко здружение, кои ја злоупотребуваат самата партија ВМРО-ДПМНЕ, која им претставува заштита особено сега кога се разоткриени.

Како опозиција, СДСМ треба без суета да бара и ангажира квалитетни луѓе од граѓанскиот сектор во борбата за демократија. Македонија има стручњаци и експерти во разни области кој никој не ги ангажира само од причина што не се политички обоени. Крајно време е да се потпреме на такви квалитетни личности со знаење и искуство без разлика што не се политички определени. Дефинитивно ни треба ум а не политичка припадност и заслуги во смисла колку плакати залепил во промоција на партијата.

Се надевам дека оваа критика ќе биде сфатена како добронамерна и стимулирачка, особено дека сме на истата страна од браникот на слободата и демократијата.

 

Поврзани новости