Синоќа во Кавадарци, во познат угостителски локал настапија Бени Шаќири и неговиот бенд ,,Нон Стоп”. На енергичниот настап, кој траеше речиси три часа без пауза, тие ги расположија и разиграа присутните гости, и во публиката можеа да се забележат локални функционери од СДСМ, но и од ВМРО-ДПМНЕ, кои спонтано покажаа дека сепак и покрај спротивставените партиски ставови имаат нешто заедничко – љубовта кон добриот рок звук.
Фронтменот на бендот, Бени Шаќири, кој долги години беше голем поддржувач на идеологијата на СДСМ, за да потоа во 2021 година се кандидираше за градоначалник на Град Скопје, од редовите на движењето ,,Одлучно за промени” составено од ДОМ и ЛДП, на настапот во Кавадарци успеа да собере публика од многу генерации.
Од осумнаесет-годишни, па се до луѓе во своите педесетти и шеесетти години го преполнија локалот и во еден глас со него ги пееја неговите големи авторски хитови, како ,,Биди ми брат, биди ми френд”, па се до рок хитовите од поранешна Југославија, но и легендарната ,,Металика”.
Присутен на сцената повеќе од две децении, Бени и неговите момци од ,,Нон Стоп” со леснотија можат да полнат локали, без претходни помпезни најави и големи реклами, а енергичниот сценски настап е еден вид на ветување дека музичарот допрва има уште многу да понуди на македонската рок сцена.
Во разговор за ,,Фокус” тој открива дека од него ќе има новости и изненадувања, не само за љубителите на неговата музика, туку и за актуелните политичари, бидејќи, како што вели – Додека нема правда, нема мир, а самиот бил голем борец против секоја неправда која му се случува на обичниот човек.
На прашањето како еден музичар од негов калибар, за кого на настапи се бара влезница повеќе, се реши да се испроба во политика, како кандидат за градоначалник, тој отворено вели дека Бени си е Бени, рокер во душа, а не некој кој би бркал функционерски поволности и бенефиции.
-Никогаш не можам да кажам дека сум политичар, или пак со такви амбиции, јас сум едноставно човек кој не може да гледа неправди! Не можам да молчам додека овој народ преживува, додека од сите страни го притискаат неправдите, додека луѓе кои со години наназад сум ги знаел и познавал, гледам како преку ноќ, откако стапиле на функција стануваат некакви ,,елити”.
Не очекував победа на избори, но кажав дека нема мирно и немо да седам и да гледам како победуваат некои кои тоа не го заслужиле. Секогаш на свој начин сум се борел за достоинството на овој народ, за праведна држава, оти за мене не постојат поделби според верска, национална, или било каква определба. Биди човек, не заборавај кој те гласал и зошто, народот те поставил на функција давајќи ти глас и доверба, тоа не смее да се заборава и злоупотребува.
Од она во пракса, гледаме дека не е така, дека кај нас неправдите уште се тука и најтешко се искоренуваат – вели Шаќири, кој во времето на градоначалничката кандидатура, откри дека прво сакал да се кандидира како независен, но потоа дошла понудата од ДОМ.
По настапот во Кавадарци, голем број на љубители на неговата музика му пријдоа да се поздрават и да се фотографираат, за што тој вели дека е голема сатисфакција за секој музичар.
-Чесно заработувам од музика, ете ме слуша народот, повеќе од два часа на сцената со мојот бенд, убаво е кога потоа од публика ти приоѓаат и ти оддаваат признание, ти кажуваат дека си им ја разубавил вечерта. Тоа е разликата помеѓу нас, кои со труд сме се избориле за себе и сме створиле нешто, и помеѓу оние кои се поставени да донесат праведна држава и достоинствен живот, а попат забораваат која е нивната должност и тежина на функцијата која ја имаат.
Како што кажав, политичар не сум, но останувам во битката против неправдите, и подготвувам изненадувања за оние кои можеби се понадевале дека се може да им помине, и дека од позиција на моќ можат да си играат со народот- вели Шаќири, познат по неговиот музички багаж, но и по разговорите без влакна на јазикот.
Вики Клинчарова