Министерот за економија Крешник Бектеши смета политичарите кои сакаат да го донираат зголемувањето на платата во хуманитарни цели, не треба тоа јавно да го прават. Неговиот став доаѓа откако тоа го најави градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, кој рече дека зголемувањето на платата од 78 отсто ќе го донира на семејствата на, како што рече, „уставобранителите“.
– Сакам многу искрено една работа да кажам. Бидејќи гледам во јавноста излегуваат политичари да се покажат хумани, солидарни и слично, дека ќе донираат процент од платата или по тоа што е зголемено. Тој што сака да донира, да поддржи, не треба тоа да го направи јавно. Секој самиот може да поддржи семејства кои имаат потреба или пак одредени категории на граѓани. Каква ќе биде одлуката на Владата, јас ќе дадам целосна поддршка. Но, според мене, не би требало да искористиме вакви моменти за да се покажеме многу хумани и да добиеме политички поени. Затоа ќе чекам на одлуката на Владата, што ќе биде колективна одлука на сите како нејзини членови, подвлече Бектеши.
Тој појасни дека бил на пат заедно со претседателот во официјална посета на Република Србија, кога се отворила оваа тема.
– Согласно моите информации и секако, јас сум еден од членовите на Владата, не можам да зборувам во нејзино име на ова прашање, тоа е одлука на Уставен суд и никаква одлука не е донесена од страна на Владата во тој дел и не се опфатени само членовите на Владата, во овој случај министрите, заменик – министрите, но, сите именувани лица. Јас ќе поддржам секаква одлука што ќе ја донесе Владата, нагласи Бектеши.