На автопатот Велес-Скопје полицијата запре автобус со ученици кои оделе на екскурзија, возилото не било исправно

by irena 15:04
15:04

Полициски службеници од СВР Велес синоќа пресретнале и одзеле автобус кој превезувал ученици од екскурзија, откако возилото неколкупати по пат останувало во дефект. Учениците биле безбедно евакуирани и со друго возило транспортирани кон Скопје.

Според информациите, случајот бил пријавен од загрижен родител чие малолетно дете се наоѓало во автобусот, сопственост на правно лице од Скопје, кој се враќал од екскурзија. Родителот пријавил дека патувањето е небезбедно бидејќи автобусот повеќепати се расипувал и останувал во дефект.

Полициските патроли веднаш реагирале и околу 22:50 часот на 8 мај, на наплатната станица „Отовица“ на автопатот Велес-Скопје, го пресретнале автобусот марка „Сетра“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 43-годишниот А.Ѓ. од Скопје.

Со цел да се спречи евентуална несреќа, автобусот бил одземен и пренесен на вонреден технички преглед, каде дополнително ќе се утврдува неговата техничка исправност. Учениците во меѓувреме биле префрлени во друг автобус, со кој безбедно го продолжиле патувањето до крајната дестинација.

Од СВР Велес информираат дека по завршување на вонредниот технички преглед и целосното расчистување на случајот, против одговорните лица ќе бидат поднесени соодветни законски поднесоци.

Слични вести