На 118 години почина сестра Андре – најстарата жена на светот

by fokus

Француската калуѓерка, сестра Андре, која од минатата 2022 година е признаена како официјално најстарата жена во светот, почина во домот за стари лица во Тулон, Франција, каде што беше сместена. Таа имаше 118 години.

Движејќи се во ортопедска количка, слепата сестра Андре, родена како Лусил Рандон на 11 февруари 1904 година во Алес, јужна Франција, се жалеше што изгубила дел од своите физички способности. Стручњаците се согласуваат дека таа досега била најстарата жива личност, чиј извод од Матичната книга е потврден. И Гинисовата книга на рекорди ја призна како носителка на рекордот на 25 април по смртта на Јапонката Кана Танака на 119-годишна возраст.

Таа веќе неколку години не го крие заморот и желбата „да се извлече од оваа работа“. Но, како што рече таа во интервју од 2022 година – „добриот Господ не ме слуша“.

Сестра Андре починала во сон, во 2 часот утринава, потврди претставник на домот.

Поврзани новости