Ковачевски: Вратите се отворени за сите партии кои сакаат да станат дел од сојузот за Европа

by fokus

Вратите се отворени за сите политички партии коишто сакаат да станат дел од сојузот за Европа, порача премиерот Димитар Ковачевски.

-Сите политички партии коишто се за концептот за европска Македонија, односно сакаат да бидат дел од сојузот за Европа, вратите се отворени и само тоа е патот напред за нашата држава, за да обезбедиме економски простеритет, социјална сигурност и владеење на демократијата, рече Ковачевски.

Ковачевски упати апел до пратениците дека мора да покажат конструктивност во име на граѓаните и единство за благосостојба на нашите граѓани. – Процесот на членство во ЕУ е сложен, но бара континуитет и силна волја, нагласи премиерот.

Следната недела, како што информира тој, почнуваме со билатералниот скрининг за Кластер 2 – „Внатрешен пазар“, а досега е завршен билатералниот скрининг за Кластерот 1 – „Фундаментални вредности“.

– Досега имаме квалитетни презентации во сите поглавја, а коментарите од Европската комисија за досегашните презентации се одлични. Добар процент на усогласеност имаме во правната рамка во носењето на законите, но секако остануваат отворени прашањата на кои треба да се посветиме, а тоа се реформата на јавната администрација, механизмите за владеењето на правото и борбата со корупцијата. Овие теми ќе биат отворени во текот на целиот преговарачки процес и затоа очекувам секоја институција да е на ниво на задачата и одговорно да пристапи кон овој процес, нагласи Ковачевски.

Според премиерот, целта за членство во големото европско семејство до 2030 година не е невозможна цел.

– Имаме јасен план и поставена цел дополнителна движечка сила за побрз реформски процес, сега треба да се фокусираме на спроведувањето на реформската агенда, потенцира Ковачевски.

Поврзани новости