Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се огласи со реакција на прес конференцијата на заменик министерот Љупчо Николовски, според кој, Министерството незаконски доделило тендер од 25 милиони евра на фирми блиски до власта.
-Николовски денеска уште еднаш го потврди своето скандалозно однесување, давајќи нова театрална изјава за сопствена лична промоција –велат од МЗШВ.
Од таму убедуваат дека во доделувањето на тендерот биле запазени сите законски процедури, а министерството имало одобрение од Владата да избере изведувач.
-Постапката за избор на најповолен изведувач се одвиваше во две фази. Во првата фаза на предквалификација на огласот од декември 2015-та година се јавија седум компании (3 домашни и 4 странски) од кои пет ги задоволуваа техничките услови, но во втората фаза понуди доставија три компании и тоа: Гранит, Трансмет – Силекс и Бетон – Скопје и учествуваа на електронската аукција. На електронската аукција најниска цена беше доставена од Трансмет – Силекс. Минатата недела измина рокот за жалба во кој ниедна компанија не достави жалба- стои во реакцијата на МЗШВ.