Од министерството за здравство реагираат на информациите што се објавуваат во медиумите за начинот на кој се вршел транспортот, потребната температура и чувањето на вакцините.
– Потенцираме дека вакцините се биолошки препарати кои согласно препораките на Светската здравствена организација се транспортираат и чуваат на температура од 2 до 8 степени Целзиусови (потребен студен ланец при транспорт на вакцините). Истото е потенцирано и во тендерската документација каде од добавувачите задолжително се бара вакцините да бидат транспортирани до здравствените установи на температура од 2 до 8 степени Целзиусови. Со години наназад вакцините се транспортираат на оваа температура со задолжителен мерен апарат (логер) за следење на температурата при транспортот – се наведува во реакцијата од Комитетот за имунизација при ресорното министерство.
Од таму додаваат дека во транспортната листа од производителот за пакетите во кои има спакувано вакцини, меѓу кои и БСГ е точно нотирано да не се замрзнуваат и температурата на чување и транспорт да биде од 2 до 8 степени Целзиусови.
– Напоменуваме дека станува збор за пратка на вакцини во која освен вакцина за БСГ, се транспуртираат и други вакцини за редовна имунизација на децата, кои се осетливи на смрзнување и задолжително е неопходна температура на транспорт од 2 до 8 степени Целзиусови – продолжува понатаму во соопштението.