По тврдењата на некои родители дека за почетокот на академската година,на факултетите во земјава им барале вакцинални сертификати за студентите, од министерството за здравство за “Фокус” велат дека за присуство на предавања не се бара приложување на вакцинален сертификат.
– Пожелно е студентите да се вакцинираат со што ќе се спречи ширењето на вирусот Ковид-19. Препораките се оние што имаат практична настава истата да ја организираат во групи, а предавањата доколку е возможно да се одржуваат во амфитеатар со преку едно место исполнето за седење. Маските се задолжителни за носење во затворените простории, појаснуваат од МЗ за “Фокус”.
Новата академска година почнува на 1 октомври. Ако минатата година студентите беа принудени да учат и да полагаат испити и колоквиуми на далечина, годинава тоа ќе го прават комбинирано, односно има можност и физички да присуствуваат во амфитеатрите и во предавалните.
Наставата ќе биде организирана и онлајн и физички, зависно од природата на предметите, но и од процената што ќе ја прави секој факултет поединечно, согласно бројот на студенти и условите за работа.
С.Т