Патронажните сестри се клучни, затоа што тие работат во заедницата, со семејствата, со поединецот. Тие одат на терен, во домовите на пациентите од социјален ризик, со маргинализирани групи и тешко подвижни пациенти и се грижат за нивното здравје. Поддршка добиваат и бремените жени, мајките и новороденчињата. Преку патронажните сервиси ги доближуваме здравствените услуги поблиску до граѓаните.
Ова денеска е констатирано на состанокот организиран од Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки со поддршка од Министерството за здравство и УНИЦЕФ, на кој патронажните сестри, директори на здравствени домови, претставници на Министерството и здравствени експерти дисктутираа како целосно да се искористи потенцијалот на патронажните сестри за подобра идентификација, превенција и подобрување на здравјето на населението.
Како што соопштија од Министерството за здравство, за зајакнување службите за патронажна дејност во рамки на здравствените домови и општите болници со проширена дејност, Министерството објавило јавен повик за интерес за работа во службите на патронажната дејност за медицински сестри, во времетраење од шест месеци. Информираат дека во април е спроведена обука на медицинските сестри за унапредување на здравствените услуги преку јакнење на капацитетите на патронажни сестри.
– Очекуваме дека овие услуги ќе придонесат и за намалување на бројот на хоспитализации и здравствени компликации и ќе се придонесе кон подобрување на достапноста и квалитетот на здравствена грижа. Кочани и Ресен се првите општини кои почнаа со имплементација на моделот интегрирана здравствена и социјална заштита, а од јули во Галичник почна со работа летната патронажна медицинска служба, истакнуваат од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека Светската здравствена организација ги оценила интегрираните услуги за домашна нега на Министерството за здравство како одлична мерка за поттикнување на унапредувањето на здравствените услуги кај граѓаните.