Преку Европската Унија, Република Северна Македонија добива брз пристап до лекот „Ремдесивир“. Европската Комисија потпиша рамковен договор со фармацевтската компанија „Gilead“ за набавка на 500.000 дози од „Veklury“, бренд името на лекот „Ремдесивир“, со можност за дополнително зголемување на количините, соопшти Министерството за здравство.
Заедничкиот договор за набавка, како што се посочува, е потпишан од 36 земји, вклучувајќи ги земјите од Европската Унија, Норвешка и Исланд, Обединетото Кралство и шест земји сегашни и потенцијални ЕУ кандидати, во кои освен Република Северна Македонија, директна набавка на лекот можат да направат и Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.
„Veklury“ („Ремдесивир“) е лек за третман на пациенти со Ковид-19 на кои им е потребна кислородна поддршка, а постапката за директна нарачка на лекот може да започне уште веднаш.
Ова е шеста успешно имлементирана заедничка постапка за набавка. Заедничката набавка е инструмент на Европската Комисија од почетокот на годината со кој на земјите им се обезбеди и дополнителен пристап до лична заштитна , респиратори, тестови и друга неопходна медицинска опрема. Инаку, Република Северна Македонија преку Клиничката студија на Светската здравствена организација веќе го има лекот „Ремдесивир“, а со ова ќе се обезбедат дополнителни количини од истиот, стои во соопштението.