Според најавата од Управата за хидрометеоролошки работи, информираме дека во текот на денешниот ден (среда, 07.08.2019 година) целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза, предупредуваат од министерството за здравство.
Согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, потребно е да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, како што се:
– Во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка;
– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носи заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор;
– Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна;
– Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци;
– При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри;
На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката, а ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 степени Целзиусови и пред употребата истата да се загрее на + 100 степени. Се препорачува да се избегнуваат производи кои термички не се обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.
Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата и по потреба ќе предлага мерки и активности за минимизирање на евентуални штетни ефекти од високите температури.