Извршена е внатрешна контрола во сите здравствени домови, при што е утврдено дека во вакциналните пунктови се пронајдени 635 кутии од МРП вакцината, на кои стојат погрешно залепени декларации. Залепените декларации биле од претходниот увоз, кои бил со важност до октомври 2018 година. Тие се пронајдени во здравствените домови во Крушево, Струга, Велес, Демир Хисар, Крива Паланка, Вевчани, Охрид и Скопје. Сите дози од МРП вакцината се со добар и проверен квалитет од реномираниот европски производител Глаксо Смит Клајн од Белгија, соопшти Министерството за здравство.
МРП вакцината е безбедна и произведена во Европската унија. Има два сертификати, за квалитет од производителот и од контролна лабораторија. На секоја кутија вакцина и на секое шишенце вакцина има т.н воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Ова е единствената потврда дека сите вакцини се апсолутно безбедни и со важечки рок, посочуваат од Министерството.
Наведуваат дека е извршен и вонреден инспекциски надзор од страна на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) во Скопје, а во текот на утрешниот ден инспектори од Агенцијата ќе одат повторно на терен за да ги потврдат наодите каде е детектирано дека има од вакцините со погрешни декларации во вакциналните пунктови во останатите градови.
По завршување на инспекцискиот надзор, ќе имаме повторна средба со МАЛМЕД, по што ќе следи дополнително известување за медиумите, истакнуваат од Министерството.
Оттаму посочуваат дека на денешниот состанок на Комисијата за заразни заболувања, потврдиле дека денеска до 10 часот во Скопје се хоспитализирани осум деца за едно деноноќие, на возраст од две години од населбата Ново Лисиче од Скопје, кои ја посетувале градинката „Сонце“.
За овие нови осум пријавени случаи, пет се потврдени, а за три се чека лабораториска потврда, но имаат јасна клиничка слика за морбили. Досега се заболени девет деца од оваа градинка, сите невакцинирани со МРП вакцината. Инаку во групата имало 28 деца сите невакцинирани. Од 16 декември до денеска има 23 пациенти хоспитализирани на инфективната Клиника во Скојпе, но за тројца од нив се уште се чека лабораториска потврда, иако клиничката слика укажува на морбили. Од овие 23 хоспитализирани девет лица до денес се пуштени на домашно лекување, а 15 се уште се хоспитализирани со клиничка слика за морбили. На клиниката има 120 легла, но треба да се има в предвид, дека се хоспитализираат пациенти и со друга патологија, информираат од Министерството.
Најмладиот пациент е бебе од осум месеци, а најстариот има 43 години од Скопје и е мајка на едно од заболените деца. Најмногу заболени има во Аеродром и Ново Лисиче – 11 деца. Но, има уште 12 пациенти кои биле со полесна клиничка слика, амбулантски прегледани и тие се на домашно лекување, сите од Скопје.
Според податоците од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, досега се прегледани околу 40 пациенти за кои имало сомнение или се потврдило дека се заболени од морбили.
Досега во сите вакцинални пунктови во Скопје до 13 часот се вакцинирани 1.847 лица, а само денес се вакцинирани 116 деца, додаваат од Министерството за здравство и ги повикуваат родителите кои се сомневаат дека детето има морбили, или тие самите можеби заболеле, од матичен лекар да се упатат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Од Министерството апелираат сите деца кои не се вакцинирани, да се вакцинираат пред да почне училишната година.
Штом ќе заврши училишниот распуст, ќе има и теренска вакцинација по училиштата. Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење, соопштија од Министерството за здравство.