Kрвна плазма e обезбедена за третман на 23 пациенти заразени со коронавирус, соопшти Министерството за здравство.
Министерството информира дека во изминатиот период се реализирани 16 дарувања на конвалесцентна плазма, од кои седум со постапка плазмафереза на клеточен сепратор и девет преку стандардно дарување на целокупна крв. Со ова, како што посочуваат, обезбедени се 23 единици конвалесцентна плазма за третман на 23 пациенти со Ковид-19.
„Коронавирусот е сигнификантна нова закана за јавното здравје поради брзото ширење,при што се потребни огромни напори да се спречи. Неодамна во Институтот за трансфузиона медицина се изготви протокол за дарување на конвалесецентна плазма. Дарител на конвалесцентна плазма може да биде секое лице кое е излечено од овој вирус и кој ги исполнува условите за дарување наведени во протоколот. Конвалесцентната плазма содржи антитела против коронавирусот создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста. Тие создадени антитела се присутни во плазмата и истите со дарување на конвалесцентна плазма може да се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19“, објаснуваат од министерството
Од Министерството упатуваат апел до сите кои биле инфицирани да даруваат плазма, за побрзо да се спречи ширењето на овој непредвидлив вирус. Објавен е и формулар што треба да го пополнат потенцијалните дарители, на веб-страницата на Иститутот за трансфузиона медицина.