МВР заврши со дигиталната форензика, обвинителството ќе одлучува за “тајната фабрика“ за пасоши

by lali

Експресно, за три дена МВР заврши со дигиталната форензика на фотографиите и видеото на кои се гледа како рачно се изработуваат пасоши. Резултатите од вештачењето се веќе испратени во Основното јавно обвинителство кое сега ќе мора да одлучи како понатаму.

Шефицата на основното обвинителство Гордана Гешковска за „Фокус“ потврди дека дигиталната форензика на МВР е завршена и дека тие уште од утре ќе ги анализираат резултатите.

-Не можам однапред да донесам заклучок. Прво ќе мораме да ги прочитаме заклучоците донесени од форензичарите на полицијата за да знаеме што точно е утврдено и дали ќе имаме простор за понатамошна истрага, или пак, ќе биде неопходно да го затвориме досието со непокренување постапка. Конечната одлука ќе ја донесеме брзо, но откако ќе направиме анализа на дигиталната форензика, објасни Гешковска.

Од МВР не соопштуваат повеќе детали за вештачењето, односно што покажала нивната современа техника. Првично, дали материјалот е веродостоен со автентични елементи? Понатаму, дали е утврдено дека пасошите се фалсификувани или пак се оригинали со лажни идентитети? Кои се лицата од фотографиите кои се појавуваат како корисници на патните исправи? Чии лични податоци се користеле при изработката на пасошите? И уште многу прашања на кои е логично форензиката да има одговор. А одговорите сега ќе ги користат обвинителите кога ќе одлучуваат дали има простор некого да гони.

За сега е непознато дали ќе биде неопходно да се направи и второ, независно вештачење на материјалот, освен ова на МВР. Тоа секако ќе зависи од објективноста и професионалноста на првото.

Првично пласираните ставови на МВР околу аферата со пасоши беа дека од видеото и од фотографиите не можело да се утврди кривично дело и дека истрага не е неопходна. Дали и дигиталната форензика е на истата линија?

 

Поврзани новости