Министерството за внатрешни работи трага по затвореникот Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски, а кој од петокот е во бегство. Од МВР за „Фокус“ потврдуваат дека стасал дописот од Судот во Штип, и веднаш постапуваат по него.
Како што веќе објави „Фокус“, Судот во Штип во текот на вчерашниот ден издал наредба за спровод, која денеска стигнала во Скопје.
Од Судот појаснија дека вчера во 14 часот добиле известување од затворот „Идризово“ дека Спасов не се појавил во затворот откако во петокот му истекол условниот отпуст, даден поради здравствени причини. Засега е нејасно зошто ова известување патувало цели четири дена од Скопје до Штип, бидејќи директорот на „Идризово“ Боби Мојсовски за „Фокус“ појасни дека известувањето го испратил во понеделникот.
Спасовски беше осуден на правосилна казна од 14 години затвор за убиството на Мартин Нешкоски, што се случи на прославата на ВМРО-ДПМНЕ за победата на парламентарните избори. Тој зад решетки беше ставен во јуни 2011 година.
В.В.