Во 20,27 часот припадниците на специјалната единица влегоа во Собранието на Република Македонија и до 20,43 часот евакуирани се 30 пратеници, информира МВР пред малку.
„Во Оперативниот Штаб 20:08 часот – Директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Митко Чавков, издаде наредба на припадниците на специјалната единица да применат овластување и да создадат услови за безбедна евакуација на пратениците и воспоставување на нарушениот јавен ред и мир. Мерки се преземаат и понатаму во Собранието“, се вели во информацијата од МВР.
Понатаму, МВР вели дека денеска (27.04.2017) околу 18,50 часот граѓаните кои протестираа во организација на граѓанската инцијатива „За заедничка Македонија“, насилно влегоа во просториите на Собранието на Република Македонија. Во нарушувањето на јавниот ред и мир со повреди се здобиле неколку пратеници во Собранието и неколку цивили. При обидот да бидат спречени во намерата 10-тина полициски службеници се здобиле со повреди при што беа префрлени на скопските клиники.
Во оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи присутни се сите раководители: министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу, директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Митко Чавков, заменик директорот на Бирото за јавна безбедност г-дин Бесир Деари, помошници на министерот, помошници на директорот како и останатите раководители-членови на Оперативниот штаб, се вели во вечерашнава информација од МВР.
Министерството за внатрешни работи на Република Македонија дополнително ќе ја извести јавноста за натамошните случувања.