„Фокус“ ви го пренесува интегрално одговорот кој го доби од Министерството за внатрешни работи:
За да не биде изманипулирана јавноста и медиумите дека Министерството за внатрешни работи не одговарало на прашањата на Фокус, со дозвола од Фокус, доколку некој граѓанин или медиум е заинтересиран, може да ја доставиме целокупната досегашна кореспонденција. Доколку се обезбеди одобрение и од некои функционери од СДСМ или невладини организации блиски до партијата, може да бидат доставени и целокупните материјали кои согласно Законот за слободен пристап до информации неколку месеци наназад им беа одговарани.
Што се однесува до конкретните прашања, од пракса би нагласиле дека пред неколку години имаше случај во кој осомничениот во домашни услови, на ласерски печатач, си испечатил евра во различна вредност. Беше откриен и пријавен од првата продавница каде што ги употребил. Оттаму, не може да исклучиме дека е можно некој да се осмели да превитка хартиено марамче, да го обои во црвено и на него да напише „Пасош“.
Современата технологија која ја применува нашиот партнер од Германија, гарантира дека секаков обид за фалсификат би бил далеку од оригиналот и би бил лесно препознаен и откриен.
Дали и како се обучени членовите на изборните органи и набљудувачите на избирачките места, какви инструкции, дали и како го употребувале мастилото со кое се гарантира правилото „еден човек – еден глас“, се прашања на кои треба да одговорат одговорните во Државната изборна комисија.
МВР може да потврди дека не е доставена ниту една пријава од страна на ДИК во однос на сомнение за злоупотреба на макар една фалсификувана исправа. Исто така до МВР нема доставено ниту една пријава од ниту една граница или институција во странство дека некаде е откриен случај на злоупотреба на фалсификувана македонска патна исправа.
Му стоиме на располагање на Фокус да дојде и да не посети и да се увери во софистицираноста на технологијата во која се изработувата биометриските патни исправи од втора генерација. Му стоиме на располагање на Фокус, повторно да му ја објасниме апсурдноста и грешката во тврдењата дека AFIS системот на каков било начин е поврзан со процесот на издавањето на патните исправи.
Апелираме до Фокус во иднина да се обраќа формално, како и во безброј наврати досега, бидејќи не секогаш други медиуми би можеле да покажат интерес за упатени „јавни прашања“. Ние како и секогаш, согласно нашата определба за транспарентно и точно информирање на јавноста ќе одговараме на вашите барања.
Во најновиот број на „Фокус“ читателите ќе имаат можност да ги прочитаат новите сознанија во врска со аферата „Фабрика за пасоши“.