МВР потврди, распишана е национална потерница за Мијалков, ќе се бара и меѓународна

by Fokus

Судот му одреди мерка куќен притвор на Сашо Мијалков, преземаме мерки и активности за негово пронаоѓање потврдија од министерството за внатрешни работи за „Фокус“.

-Распишана е национална потерница. Бидејќи од досега преземените мерки и активности лицето не е пронајдено, ќе го известиме судот и ќе побараме да биде издадена наредба за распишување на меѓународна потерница, велат од МВР.

Од Кривичниот суд денеска појаснуваат дека барањето за притвор за Сашо Мијалков од Обвинителството било поднесено вчера, во 15 часот, по што набрзо му бил одреден куќен притвор.

-Откако е утврдено дека надлежен за постапување по предлогот е Кривичниот совет при Oдделението за организиран криминал и корупција, а имајќи ја предвид итноста на постапката, иако судот Законски имал рок од 24 часа да одлучува со оглед да предлогот е поднесен за време на викенд,  советот во корелација со документацијата за сомнeвањето за бегство приложена од обвинителството со прилог  известување доставени од Бирото за јавна безбедност при МВР, веднаш започна со постапување и донесе решени со кое на обвинетиот му определи мерка куќен притвор со 24 часовен надзор како и видео и електронски надзор, а во 18:30 часот решението веќе беше експедирано до МВР како надлежни за понатамошно постапувањe, појанија од Кривичен суд.

Полиција цела ноќ имаше безуспешни обиди да му го врачи решението на Мијалков и тој се уште не е лоциран.

Полициски екипи се распоредени пред неговиот дом, но и на локации на кои би можел да се наоѓа.

С.Т.

Поврзани новости