МВР: Полициската акција во Куманово заврши

by Фокус

Од Министерсството за внатрешни работи пред малку на прес-конференција соопштија дека полициската акција во Дива Населба, Куманово, заврши. Портпаролот Иво Котевски истакна дека терористичката група во целост била неутрализирана и елиминирана.

– Полицијата се соочи со најопасната терористичка група, која некогаш дејствувала во регионот. За голем дел од нејзините членови имало распишано меѓународни потерници за извршeни кривични дела, а лидери на групата била петтмина косовски државјани, кои се познати по тоа што формирале паравоени структури во регионот. Според сомненијата, лидери на оваа група се озлогласените Мухамед Красниќи таканаречен командант МалишеваМирсад Ндрецај таканаречен командант НАТОСами Укшини таканаречен командант СоколиБег Ризај алијас командант Бегу и Деме Шеху, алијас Јунику. Сите петмина се косовски државјани и се доведуваат во врска со формирање на бројни терористички и екстремистички групи во регионот, односно фигурираат како основачи на паравоени структури, истакна Котевски.

Тој истакна дека тројца од лидерите се предале, а на терен се пронајдени 14 загинати, за кои се претпоставува дека припаѓале на групата бидејќи биле облечени во униформа со ознаки на УЧК.

-Се сомневаме дека бројот на загинати терористи е уште поголем, бидејќи објектите во кои се засолнувале се значително уништени. Во моментот полицијата го чешла теренот, а сега можам да кажам дека е пронајден и голем арсенал на оружје, додаде Котевски.

Портпаролот додаде дека членови на вчерашната група терористи, која се предаде се и голем број македонски државјани, кои претходно биле гонети за убиства и разбојништва. Според досегашните информации на МВР, терористичката група во Македонија влегла на почетокот на месецот, а кон средината на мај требало да почнат со напад на цивили и стратешки државни институции. Котевски додаде дека, досега никој не пријавил жртви од цивилното население, а повтори дека осум припадници на безбедносните сили се загинати, а повредени се 37.

Од МВР посочуваат дека се уште не го знаат точниот број на терористите, но засега со сигурност тврдат дека се над 40. На прашањето – дали е точна шпекулацијата дека и во други региони се појавиле вооружени терористички групи, портпаролот рече дека МВР ги следи сите информации и е подготвено да дејствува.

Поврзани новости