Обезбедувањето на Никола Груевски не било 24 часа ангажирано да го обезбедува, туку го придружувале само на негово барање. Ова накратко го појаснува МВР како одговор на прашањето, како е можно обезбедувањето кое е од Шестата управа да не знае каде е Груевски?
Одговорот на МВР во целост:
Што се однесува до прашањето за обезбедувањето на поранешниот претседател на Владата, кој сега е осуден на затворска казна од две години и за кого е распишана потерница од Судот, ве известуваме дека согласно Законот за дополнување на Законот за Владата на Република Македонија и „Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување“, вкупно шест полициски службеници му следуваат за обезбедување на “Претседател на Влада на Република Македонија” на кого му престанала функцијата согласно закон. Според законот полицајците кои го обезбедуваат поранешниот фукнционер не се 24 – часовно ангажирани за негово обезбедување, односно, според законот, работните задачи ги извршуваат во зависност од потребите на личноста, а истите самиот поранешен функционер ги избира и повикува по потреба. МВР веќе постапува по распишаната потерница, а сите нови информации ќе бидат транспарентно споделение со јавноста.