Донесени законските измени за трет анекс на Договорот за автопатот Кичево – Охрид

by fokus

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 65. седница едногласно со 55 гласови „за“ го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка.

Со законските измени ќе се овозможи склучување трет анекс на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид заради потребата од дополнителен заем од 187 милиони евра за непредвидени градежни работи од основниот проект и дополнителни градежни работи што се нужни и неопходни за целосно и квалитетно завршување на проектот.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески посочи дека во наредниот период ќе бидат надминати сите проблеми кои ги има автопатот Кичево – Охрид, а дел, како што рече, веќе се надминати. Тој се заблагодари на опозицијата за најавата дека ќе го поддржат третиот анекс на Договорот.

-Можеби беше потребен малку подолг временски период, но проблемите беа големи, а проектот комплетно промашен. Во основниот проект кој е правен за автопатот Кичево – Охрид клучки не се предвидени. Кога го видела тоа од претходната влада распишан е тендер за проектирање на клучките. Проектирани се осум клучки и една што е постоечка, а за изведбата согласно фидинг-црвената книга не смее да има тендери, бидејќи на трасата мора да продолжи да работи изведувачот што е избран, појасни  Сугарески.

Хари Локвенец од СДСМ рече дека одлуката за проектирање на клучките е донесена во 2014 година и за тоа на изведувачот „Чакар партнерс“ му се платени 40 милиони денари. Проектот за автопатот го оцени како криминален и рече дека изградбата ќе чини речиси 11 милиони евра по километар.

-Оваа влада заштеди 95 милиони евра. Преоктот за доработка по цените со кој првично е договарана изградбата на автопатот во износ од 411 милиони евра би чинел 282 милиони евра, а сега ќе чини 187 милиони евра, рече Локвенец.

Во реплика Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека цената на чинење на проектот од 411 се зголемува на 600 милиони евра, а осумте клучки и паралелниот пат не се дел од договорот со Синохидро. Додавањето на клучките е одлука на влада, но не било прецизирано кој да ги гради.

Поврзани новости