МВР: Неколку лица се осомничени за подметнување на пожар

by fokus

Полициски службеници од Полициското одделение Галате денеска во 15:10 часот го лишија од слобода Л.А. (32) од Република Албанија, кој илегално престојувал во државата, поради основано сомнение дека подметнал пожар над гостиварско Пожаране. Тој ќе биде задржан за понатамошна постапка.

Како што информираат од МВР, едно лице е осомничено и за пожарот во Старо Нагоричане и полициските службеници веќе постапуваат во координација со јавен обвинител.

-Во текот на вчерашниот ден, пак, благодарение на брзата интервенција на полициска патрола и на екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје спречен е пожар од поголем размер пред село Блаце кон Катланово, за кој две лица се под сомнение за негово предизвикување и се работи на расчистување и на овој случај, соопшти МВР.

Од МВР апелираат строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, а граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар.

-Неопходна е максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец. Потсетуваме дека предизвикувањето на пожар намерно или од невнимание претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици, велат од МВР.

Поврзани новости