МВР ќе предложи да не се плаќаат административни такси за замена на возачки и сообраќајни дозволи

by Fokus

Од Министерството за внатрешни работи денеска информираа дека на граѓаните кои ги менуваат возачките и сообраќајните дозволи кои сè уште се важечки, а се со името Република Македонија, нема да им се наплаќаат обрасците, но ќе им биде наплатена административна такса.

Таксите на граѓаните, како што велат од МВР, им се наплаќаат врз основа на тоа што сè уште не се направени измени на Законот за административни такси.

Оттаму најавуваат дека ќе предложат измена на овој закон, со цел да не се наплаќа ниту административната такса.

„Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека согласно Решението за цените на обрасците што ги издава МВР, возачките дозволи и сообраќајните дозволи со името `Република Македонија` кои се уште се важечки, се заменуваат во редовна постапка со нови со името `Република Северна Македонија` и притоа на граѓаните не им се наплаќа цената пропишана за тие обрасци, до 31 декември 2024 година. Но, за истите документи пропишана е административна такса која се наплатува, согласно Законот за административните такси кој се уште нема претрпено измени во тој дел. МВР ќе предложи измена на законот, се со цел и административната такса да не се наплаќа“ – се наведува во денешното соопштение од МВР.

Поврзани новости