МВР го повикало Дончев да даде исказ, ако утврди кривично дело Обвинителството ќе постапува

by Frosina Fakova

Министерството за внатрешни работи самостојно го повикало поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев да даде исказ во полициска станица за снимката со парите којашто беше објавена во јавност, велат за „Фокус“ од Обвинителството за гонење на организиран криминал. Ако МВР утврди елементи на кривично дело, Обвинителството ќе постапува.

-МВР во рамките на своите надлежности презема самостојно дејствија, лицето било повикано да даде исказ по последните снимки што беа објавени во јавноста. Доколку МВР утврди елементи на кривично дело по кои се постапува по службена должност, ќе достави соодветен поднесок до обвинителството по кој обвинителството ќе преземе понатамошни дејствија за расветлување на случајот, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Ова следува откако Обвинителството по објавените снимки соопшти дека нема да постапува по нецелосни снимки и побара да се пријават во институциите.

– Во надлежност на Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција е откривањето на кривичните дела од економско финансиска природа. Обвинителството укажува дека секој што поседува докази дека е сторено кривично дело истото треба да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во обвинителството и да ги приложи доказите по што обвинителството ќе отвори предмет и ќе преземе дејствија за расветлување на случајот, рекоа од Обвинителство по објавувањето на снимките.

-Д.Д. беше поканет со покана за разговор во ПС Карпош и уредно се пријави сам. По извршениот разговор, си заминал, велат официјално од МВР. Неофицијално, Дончев имал добиено уредна покана и уредно се појавил со свој адвокат. Од МВР велат дека според член 276 од Кривичниот законик имаат право да постапуваат и велат дека се консултирале со Обвинителството и биле известени дека ќе биде повикан на распит.

Поврзани новости