Откако Министерството за внатрешни работи потврди дека поранешниот пратеник од НСДП Љубомир Јосифовски е приведен поради основано сомнение за неовластено навлегување во компјутерски систем, од Централниот регистар соопштија дека извршен е упад во компјутерскиот систем на оваа институција, но, уверуваат од таму, при упадот воопшто не се нарушени состојбата и интегритетот на податоците во сите регистри.
„Упадот е извршен со злоупотреба на безбедноста и со надминување на безбедносни пречки од страна на Друштвото за обработка на податоци, хостирање и слични дејности ИНФОГРУП ДОО Скопје. На тој начин, ова правно лице неовластено обезбедувало податоци од регистри што ги води Централниот регистар“, се наведува во соопштението на Централниот регистар, во кое уште се додава дека сите системи и услуги на функционираат и се достапни за сите корисници.
Од МВР, пак, информираа дека по претходно доставена пријава од страна на Централниот регистар и консултација со надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, го лишиле од слобода лицето Љ. Ј. (46) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.