Исени: Национализмот и корупцијата ги загрозуваат стратешките интереси на државата

by Фокус

Довчерашниот претседател на Одборот на директори на АД за стопанисување со станбен и деловен простор во државна сопственост, Џевад Исени, кој неодамна беше разрешен од страна на владата, обвини дека остварувањето на стратешките цели на државата за интеграција во евроатланските структури и изградба на правна држава е попречено од, како што вели, национализмот и корумпирани непрофесионалци на разни позиции.

„Разбирам, се менуваат односите, политичките гарнитури, и тоа е нормално, треба секогаш да има и да постојат промени во еден систем. Но, секогаш ќе се прашувам кому тоа толку му пречи човек кој сака за една институција, или за својот народ да придонесе со чесно работење, со целосен капацитет и низа активности, за да покаже успех. Кога тој покажува успех, покажува за својата држава и за народот за кој сака да му помогне и да биде достапен 24 часа како сервис на граѓаните. Нели се зборуваше и се ветуваше дека тој кој чесно работи и сака да покаже професионализам треба да му се даде шанса и можност да го прави на свој и најдобар начин?“, прашува Исени.

Воедно, тој посочува дека професионалните законски одлуки во една институција за да бидат правилно применети треба да се донесени врз основа на определен закон, работни процедури и правилно менаџирање.

„Преку суштинско комуницирање, почнувајќи од обичниот граѓанин, од пониските слоеви, па нагоре, но секогаш прво за нив. Затоа што, кога ќе треба да се седне на некоја удобна фотеља, барем малку секој да се запраша како е стигнат до тоа место. Преку гласот на тој обичен и сиромав граѓанин за кого секогаш сум бил и ќе бидам оној истиот – сервис на граѓаните. Тогаш, стратешките интереси нема да бидат испреплепетени ниту преку национализмот, ниту преку непрофесионалци со длабоки џебови“, вели тој во обраќањето преку фејсбук.

Поврзани новости