МВР една од најтранспарентните институции во земјата и регионот

by Fokus

Фондацијата Метаморфозис ги презентираше резултатите од Проценката на состојбата на добро владеење во Македонија и регионот преку Индексот на отвореност – Собрание и извршна власт.

Претставниците на Метаморфозис ги презентираа резултатите на Индексот на отвореност на извршно ниво. Топ три отворени институции оваа година се Министерството за одбрана со исполнетост од 89.72%, Владата која исполнува 79.14% и Министерството за внатрешни работи со 78.9% исполнетост на индикаторите за отвореност. Тоа покажува исклучителна транспарентност на институциите во споредба со минатото и во споредба со институциите во регионот во кои министерствата исполнуваат помалку од половина од поставените индикатори – во Црна Гора 37,40 %, Србија 51,48 %, Босна и Херцеговина 37,4 %.

Транспарентноста е исклучително важен фактор во имплементацијата на антикорупциските политики и проактивноста на институциите овозможува граѓаните, граѓанските организации и претставниците на медиумите полесно, побрзо и поефикасно да добиваат информации за работењето на институциите, како и да вршат контрола врз нивното работење.

Четирите столба на Индексот на отвореност го дефинираат и го проценуваат доброто владеење заедно со следниве начела:

пристапност – го проценува степенот до кој правото на пристап до информации е гарантирано со закон и во практика, како и квалитетот на механизмите за вклучување и за консултации при процесите на креирање на политиките;

ефикасност – ја разгледува посветеноста на институциите да учат од тековните процеси и да ги подобрат преку воспоставени системи за следење, евалуација и учење – со употреба на клучни точки/индикатори за време на стратегиското планирање и известување;

транспарентност – ја проценува јавната достапност на организациските информации, буџетот и постапките за јавни набавки, додека, пак,

интегритетот го оценува присуството на механизмите за спречување судир на интереси, за регулирање на лобирањето, како и на достапноста на кодексот за етичко однесување што ќе го води и ќе го санкционира однесувањето на државните службеници и на јавната администрација.

Поврзани новости