МВР: Две нови пријави за насилството во Собранието, двајца од УБК на разговор во полиција

by fokus

Поднесени се две нови кривични пријави за насилствата во Собранието на Република Македонија на 27 април, до Основно јавно обвинителство Скопје се испратени уште три известувања, а во СВР Скопје е извршен разговор со двајца вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање и за нив ќе биде подготвен поднесок, информира МВР. 

Секторот за внатрешни работи – Скопје поднел кривични пријави против А.Б. (60) од Тетово и А.Ш. (22), товарејќи ги за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејство, според чл. 384 од Кривичниот законик.

„А.Б., откако насилно влегол во Собранието, во прес-салата се туркал и се обидел физички да се пресмета со обезбедувањето на пратеникот О.С., упатувајќи им закани. Во моментот кога сакал да се доближи до пратениците, бил задржан од друго лице. Второпријавениот, А.Ш., насилно ја отворил влезната врата на Собранието, удирајќи ја со раце и со нозе, притоа туркајќи ги и влечејќи ги полициските службеници поставени во кордон пред вратата. За преземените дејства на двајцата пријавени обезбедени се видеозаписи, со нив биле извршени разговори во кои целосно ги појасниле преземените дејства, по што истите се ослободени“, стои во соопштението од МВР.

До Основно јавно обвинителство Скопје биле доставени три известувања. Првото е за прегледани видеоматеријали, при што било утврдено дека осум лица се присутни во Собранието, но стоеле мирно. Второто и третото известување се за побарана евиденција на разговори на едно лице против кого претходно била поднесена кривична пријава, а третото е известување дека е обезбедена целокупната здравствена документација за повредените кои побарале лекарска помош во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ (поранешна Градска).

Во СВР Скопје бил извршен разговор со С.С. (38) од Скопје, по што е ослободен, како и со О.Р. (42) и со С.М. (51), вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. По извршениот разговор и тие биле ослободени, а во консултации со јавен обвинител ќе биде поднесен соодветен поднесок, информираат од Секторот.

СВР Скопје известува и дека вчера се обиделе да извршат претрес во домот на  И.Ј. (46) од Куманово, но претресот не бил извршен бидејќи никој не ја отварал вратата.

 

Поврзани новости