Министерството за внатрешни работи потврдува дека фирмата за којашто ВМРО-ДПМНЕ обвини дека незаконски добила тендер од МВР од половина милион евра, е избрана за исталација на соларни системи, но во рекацијата тврди дека се било законски.
-Првата постапка беше објавена во септември 2021 година и истата заврши со поништување од причина што остана само една прифатлива понуда на економскиот оператор Дон Холдинг, од три поднесени. По извршена анализа, единствената прифатлива понуда беше исклучена поради цени повисоки од проценетата вредност и постапката беше поништена.
Во декември 2021 постапката беше повторно објавена, беа поднесени две понуди, од кои по направената анализа беше донесена одлука за избор и беше избрана понудата на Дон Холдинг, која беше во рамките на проценетата вредност. И во двете спроведени постапки, критериумите беа исти односно се бараа минималните услови за докажување на способност од Законот за јавни набавки и не постоеше ниту еден дополнителен критериум.За двете спроведени постапки не е поставено ниту едно прашање пред јавното отворање, каде било кој заинтересиран економски оператор може да даде забелешки за техничката спецификација или да бара промена на истата, ниту пак е поднесена жалба за тендерската документација или жалба на одлуката за поништување на првата односно избор во втората постапка, се вели во реакцијата на МВР.