Техничка опрема во вредност од 510 илјади американски долари донираа денеска САД за македонското Министерство за внатрешни работи во рамки на Програмата за контрола на извоз и гранична безбедност.
Македонската полиција доби две комби возила со мобилни единици за детекција на радијација, патролен чамец, теренско возило за полициската единица за службени кучиња и еден уред за обработка податоци.
Донацијата беше доделена денеска на свечена церемонија во Министерството за внатрешни работи, на која присустуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и американскиот амбасадор Џес Бејли.
Средствата, како што посочи Спасовски, веднаш ќе бидат ставени во функција во соодветните организациони единици на МВР, а ќе можат да ги користат и други надлежни институции во државата, како што е царинската управа.
-Од почетокот на воспоставување на граничната полиција во МВР во 2004 година, односно од почетокот на концептот на интегрираното гранично управување САД преку оваа Програма се најсилниот патрнер и поддржувач на реалното организациско, професионално и техничко етаблирање на граничната полиција, рече Спасовски.