Музичките ѕвезди за настапите на митинзите: Пееме за пари, а не за идеали

by fokus
  

Традиционално, поп и фолк пејачите се неизоставен дел од митинзите на политичките партии пред изборите. Годинава, ВМРО – ДПМНЕ ангажираше повеќе музички ѕвезди, помеѓу кои Сузана Спасовска, Владо Јаневски, Миле Кузмановски, Блага Петреска, Андријана Јаневска, Наум Петрески и други.

Она што најчесто се коментира помеѓу народот, е дека најверојатно пејачите настапуваат на партиски настани или поради баснословни хонорари, или пак поради партиски идеали и љубов.

thumbnail_suzana-s20
Пред настапот на еден од митинзите, се сретнавме со неколку наши музички ѕвезди и поразговаравме на темата. Повеќето од нив велат дека не сакаат да се мешаат во политика и дека нивна работа е да пејат, а не да пропагираат политички убедувања. Исто така, не сакаа да ги именуваме, но тврдат дека пејат за пари, а не за идеали.
thumbnail_vlado-j10
 

,,Ова е нашата професија, да пееме. Ангажирани сме за хонорар, и тоа е се. Вчера во продавница, една продавачка ми рече дека сум од ВМРО, бидејќи ме гледала додека настапувам на митинг. И одговорив дека ако таа продава леб на членови од СДСМ не значи дека и самата е од нивната партија, исто како што не значи и ако им продава леб на членови на ВМРО, дека е од нивната партија. Народот треба да разграничи некои работи’’ , вели наша музичка ѕвезда која што е редовна на митинзите на владејачката партија.

И додека повеќето пејачи на ВМРО тврдат дека пејат поради пари, Арбен Шаќири, познат како Бени од ,,Нон – стоп’’ кој што настапува на митинзите на СДСМ, уште пред неколку месеци, во интервју за ,,Фокус’’ изјави дека секој пејач има право да избере дали ќе настапува за некоја политичка партија, или воопшто не сака да се плетка во таков тип на ангажман:

,,Јас сум свој и не припаѓам никому, освен на моите дома, а дали се согласувам со ставовите на партијата која што ме ангажира, јас лично не би можел да настапувам за истата доколку не се согласувам со нејзините ставови!

А што се однесува до хонорарот, вели Бени, се разбира дека е важен, затоа што секој од нас треба да го подобри квалитетот на живеењето.

beni


„ Ако нема хонорар, тогаш тие од маркетите сигурно нема да ми дозволат да изнесам надвор полна количка со намирници, само со едно покажување на членска книшка или евентуално докажување на симпатии кон една или друга партија, иако за волја на вистината, со години наназад немам наплатено ниту денар за моите ангажмани во склоп на соработката со СДСМ! 
Јас сум комунист и не можам тукутака да ги оставам моите другари на цедило кога им требам. Тоа не е другарски, а сега, постоењето на други правила во спротивниот табор, тоа е нивно право на избор! Јас верувам во моите постапки!’’, категоричен е Бени.Тој додаде дека не би прифатил ангажман од ВМРО, бидејќи се работи за десничарска партија, со чии што ставови не се согласува.

thumbnail_miting-kavadarci2

 За разлика од изминатите години, овојпат на митинзите на ВМРО – ДПМНЕ изостануваат Калиопи, Елена Ристеска, Каролина Гочева, Ребека, Јован Јованов, Ламбе Алабакоски, Соња Тарчуловска и други.

 Вики Клинчарова

 

Поврзани новости