Имено, според информацијата од Влада, од 21 часот, па се до полноќ свои настапи на плоштадите во повеќе градови ќе имаат околу 40 домашни музичари. Поддржувачи на опозицијата, но и други граѓани кои што сметаат дека нема потреба од големи прослави пред и официјално да станеме дел од ЕУ и НАТО, и како се прават непотребни трошоци со ангажирање на познати музички имиња и околу целата организација на настанот, од вчера споделуваат повик за бојкот на истиот.
Она што е интересно, музички имиња како Владо Јаневски и Елена Ристеска, кои со години наназад беа дел од пејачите кои настапуваа на митинзите на ВМРО ДПМНЕ, исто така ќе бидат дел од прославата, и Јаневски ќе пее во Кичево, а пак Ристеска во Штип.
На мета на напади се најдоа пејачите чии настапи се најавени, па некои од нив веќе започнаа јавно да се правдаат дека не знаеле по кој повод ќе пејат.
-Би сакале да ви ја разјасниме целата ситуација околу денешните настани. Пред се станува збор за едно големо недоразбирање. Како што знаете еден бенд работи со повеќе booking агенти и вакви недоразбирања може да се случат доколку некоја информација биде скриена, не проследена, заглавена во спам и слично… Во нашиот случај при размената на информации во врска со настанот и концертот на Conquering Lion нѐ информираа дека станува збор за културен настан на кој ќе настапуваат повеќе артисти низ повеќето градови во Македонија без присуство на политички странки, говори, пропаганден матерјал и слично. Како што се испоставија работите испадна дека повеќето артисти не знаеле за каков тип на настан станува збор, меѓутоа некои од нас веќе имаа потпишано договор за настап на културен настан за кој немаше подетални информации и сега нема назад – информираат од бендот Conquering Lion, кој ќе настапи во Кочани.
На Фејсбук страниците на повеќето учесници, уредникот на порталот Вистина Мк, Антонио Димитриевски, пак јавно им упатил неколку прашања, по повод нивните настапи на прославата. Едно од прашањата е и тоа дали учесниците со чинот на настап автоматски го поддржуваат Договорот со Грција и се согласуваат Македонија да влезе во НАТО под тие услови. Дел од пејачите веднаш ја избришале објавата со прашања.
– Ова е нашата професија, да пееме. Ангажирани сме за хонорар, и тоа е се. Вчера во продавница, една продавачка ми рече дека сум од ВМРО, бидејќи ме гледала додека настапувам на митинг. И одговорив дека ако таа продава леб на членови од СДСМ не значи дека и самата е од нивната партија, исто како што не значи и ако им продава леб на членови на ВМРО, дека е од нивната партија. Народот треба да разграничи некои работи – ни изјави тогаш наша музичка ѕвезда која што е редовна на митинзите на ВМРО ДПМНЕ.
Арбен Шаќири пак, познат во јавноста како Бени од Нон-Стоп, во интервју за ,,Фокус’’ пред повеќе од две години ни изјави дека правото на секој музичар е дали ќе настапува за некоја политичка партија, или воопшто не сака да се плетка во таков тип на ангажман.
– Јас сум свој и не припаѓам никому, освен на моите дома, а дали се согласувам со ставовите на партијата која што ме ангажира, јас лично не би можел да настапувам за истата доколку не се согласувам со нејзините ставови! Ако нема хонорар, тогаш тие од маркетите сигурно нема да ми дозволат да изнесам надвор полна количка со намирници, само со едно покажување на членска книшка или евентуално докажување на симпатии кон една или друга партија, иако за волја на вистината, со години наназад немам наплатено ниту денар за моите ангажмани во склоп на соработката со СДСМ! Јас сум комунист и не можам тукутака да ги оставам моите другари на цедило кога им требам. Тоа не е другарски, а сега, постоењето на други правила во спротивниот табор, тоа е нивно право на избор! Јас верувам во моите постапки – ни изјави тогаш познатиот музичар.
Утре тој ќе настапи во Гевгелија, заедно со Златко Ориѓански и Ерик Фокс.
Вики Клинчарова