Енергетската криза и геополитичките тензии носат сериозни ризици за економијата, но македонските институции внимателно ја следат состојбата и преземаат мерки за заштита, истакна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Според него, постои висока свест кај европските институции и земјите-членки за зголемената нестабилност, особено во контекст на војната во Украина. Тој предупреди дека ризиците од инфлација и раст на цените се реални, додека најголем дел од мерките во ЕУ засега се носат индивидуално.
Во однос на односите со Бугарија, министерот нагласи дека е потребна внимателност во јавните настапи поради изборите кај соседот.
-Се наоѓаме во специфичен период и секој избрзан коментар може да не вовлече во изборниот наратив. Провокации постојат и затоа мора да бидеме внимателни – посочи тој на Телма.
Во однос на дијалогот со Софија, Муцунски посочи дека постојат иницијативи, но нивната реализација е отежната.
-Не е дека не сакаме да преговараме со техничка влада, но по природа таа нема целосен легитимитет. За дел од овие идеи, претходната влада во Бугарија беше консултирана преку претставници на ЕУ и земјите членки. Имаше иницијатива за состанок меѓу мене, олеснувачи во меѓународните односи и тогашниот колега од бугарска страна, но иницијативите запреа – рече Муцунски.
Тој нагласи дека реципроцитетот е клучен во однос на малцинските права.
-Очекуваме Бугарија да ги почитува обврските од Европскиот суд за човекови права, односно регистрација на организациите на Македонците во Бугарија, како минимален услов. Потребни се и институционални гаранции дека уставните измени ќе бидат последното барање и дека нема да има нови отстапки поврзани со идентитетот, јазикот и историјата – истакна министерот.