Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово попладнево уапсиле жител на селото Брвеница кој се сомничи за убиство на 76-годишен охриѓанец, чие безживотно тело денеска наутро било пронајдено во неговиот дом во Охрид, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Педесет и тригодишниот Ж.Г. бил лишен од слобода во 17: 20 часот, по претходно распишана централна потерница од Секторот за внатрешни работи Охрид.
Според деталите од МВР, денеска во 8:24 часот во охридската полиција било пријавено дека во неговиот дом на улицата „Нада Филева“ во градот без знаци на живот е пронајден К.М. (76).
„На местото на настанот извршен е увид од надлежен јавен обвинител и полициски екипи, а лекар од Итната медицинска помош констатира смрт по што, по наредба на јавен обвинител, телото е предадено за обдукција“, соопшти МВР.
Оттаму додаваат дека по целосно расчистување на случајот против жителот на тетовска Брвеница ќе биде поднесена соодветна пријава.