Тимчо Муцунски, пратеник и функционер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вели дека веднаш откако опозицијата од свиркачи добила кредибилни информации околу аферата за издавање на фалсификувани пасоши „Мафија“ ја информирала јавноста.
-Во моментот кога опозицијата доби кредибилни информации дека ова е вистинито и се потврдија овие информации од страна на свиркачи, ние веднаш го објавивме тоа, притоа на крајот видов и едни апсурдни обвинувања дека опозицијата го саботирала овој процес. Опозицијата има одговорност пред граѓаните кога ќе добие вакви информации за злоупотреба на институциите, а кога е очигледно дека институциите на системот, како што се покажа во аферата „Мафија“ немаат капацитет сами да се справат со сериозните недоследности кои што во овој момент сериозно влијаат негативно и на нашиот безбедносен систем, и на нашиот меѓународен бизнис, веројатно може да трпат штета и граѓаните и бизнисите од одредени причини заради овој скандал – рече Муцунски на Сител.
Тој додаде дека е шокиран од фактот дека, како што рече, стотици криминалци со меѓународно досие слободно влегувале во Македонија и потоа веројатно излегувале со македонски патни исправи.