Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во вечерашното гостување на ТВ Шења рече дека уште во самиот избор на надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д се отвораат сомнежи за неправилности и криминал, укажувајќи дека Македонија и граѓаните може да трпат големи штети поради договорот кој што го потпишала Владата со Бехтел и Енка, бидејќи преземала обврски кои што се во надлежност на Собранието, а не на Владата.
-Имајќи во предвид фактот дека овој договор е веќе склучен, полноважен се отвораат дилемите и какви штети на среден и долг рок може да трпи Македонија заради нереализирани договорни обврски кои што владата ги преземала, а всушност ги преземала без да има овластување тоа да го направи, односно преземала обврски во името на другите институции дел од власта, како што е собранието, рече тој.
На прашањето дали е направена компарација помеѓу изградбата на коридор 8 и 10д со изградбата на автопатот Кичево-Охрид, Муцунски објасни дека според пресметките овој договор веројатно ќе биде по километар минимум два до три пати повеќе од најскапото било кое автопатско решение изградено во историјата на Македонија.
-Има компарација на неколку ставки. По нашите пресметки колку очекуваме крајниот износ да биде овој договор, овој договор веројатно ќе биде по километар минимум два до три пати повеќе од најскапото било кое автопатско решение изградено во историјата на нашата држава. Очекувањето е дека за овој договор може да достигне, по тоа што го видов, минимум 25 милиони евра по километар, а можеби и повеќе, кажа Муцунски.