Mинистерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на денешната заедничка прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека Република Турција е наш докажан пријател и НАТО-сојузник.
Според Муцунски, денешната посета на турскиот министер претставува значаен момент во билатералните односи. Тој го истакна моментот што ова е прва посета на странски министер за надворешни работи откако тој е на чело на МНР, како и дека е доказ за силната потврда на сè поинтензивниот политички дијалог, стратешко пријателство и партнерство со Република Турција.
„Имавме конструктивни разговори на кои заеднички го разгледавме унапредувањето на односите во сите сфери од заемен интерес, со посебен акцент на економската соработка и можностите за нејзино продлабочување, како од надворешен трговски аспект, така и од инвестициски“,рече Муцунски и додаде дека традиционално добрите односи позитивно влијаат на зајакнување на економската соработка, а доказ за тоа е огромниот влез на турските инвестиции од самото осамостојување до денес.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан рече дека Турција од осамостојувањето на Северна Македонија цврсто и непоколебливо ја поддржува, како и дека ќе продолжи тоа да го прави.
„Соработката, пријателството и сојузништвото со С Македонија го цениме многу. Разговаравме како оваа соработка да ја унапредиме и во иднина. Како Турција, изразуваме дека имаме интерес да потпишеме Виш стратешки совет за соработка“,рече тој.
Тој додаде дека продолжува и воената соработка, преку учество на заеднички вежби.
Посочи дека Северна Македонија има посебно место за него, како и дека отоманското наследство е значаен дел од културното наследство на земјата, а во таа насока ќе продолжат и со соработка.
Во агендата на турскиот министер е и средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши.