Секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, на денешната панел дискусија насовена како „Затоа што секој живот вреди“, истакна дека вирусот ќе помине, но економската криза ќе остане.
-Јас воопшто не сметам дека треба да критикуваме за состојбите во здравството, туку фокусот како држава, како граѓани треба да ни биде да се обединиме во борбата против еден невидлив опонент, кој што може да наштети врз целата наша популација. Но, во делот на економијата треба да бидеме доста критични. Јас на една дебатна емисија пред две недели алармирав дека многу земји што во тој момент имаа пер капита помал случај на коронавирус, веќе имаа преземено конкретни мерки за заштита на приватниот сектор – рече Муцунски.
Според него, при вонредна состојба би можело да дојде до злоупотреба на апсолутната моќ на власта.
-Владата ќе ја има извршната власт и затоа клучно во овој момент е да имаме максимална транспарентност на тоа што ќе излегува од владата. Наша обврска како правници но, и како експерти од сите други области е будно да следиме се што излегува како уредба со законска сила од страна на владата и да алармираме, да ја алармираме јавноста за евентуална злоупотреба. Ова не би требало да го очекуваме, но кога ја имате таа акумулација на моќ, а апсолутната моќ некогаш значи и корупција, што значи наша обврска е да внимаваме и да не дозволиме ова да се претвори во некоја злоупотреба која што би можела да служи за нечиј личен профит – порача Муцунски.