Муса Џафери: Сите опции се отворени, можна е нова фаза во политичката криза

by fokus

Претседателството на ДУИ ќе одлучува какви чекори ќе преземе во однос на составувањето на новата влада откако денеска претседателот Ѓорге Иванов  му го додели мандатот на Никола Груевски, лидер на ВМРО – ДПМНЕ, вели за „Фокус“ Муса Џафери, поранешен вицепремиер и десна рака на лидерот Али Ахмети.

Според Џафери, на потег се правниците, а со оглед на тоа што има разни правни толкувања околу доделувањето на мандатот,  произлегува дека самиот денешен чин отвора простор за нова фаза во политичката криза.

„Сите опции се отворени. Прво треба да видиме како правните експерти  ќе го толкуваат Уставот. Нема ни час откако е доделен мандатот, се уште не сме ги направиле потребните консултации. Ќе излеземе со став откако ќе заседава претседателството  на партијата. Има повеќе прашања – колку евентуалната нова влада ќе има капацитет, која ќе биде рамката и што е најдобро за државата. За сите овие прашања треба да се разговара во наредните 20 дена, колку што е законски предвидениот рок по додлеувањето на мандатот. Можно е ова да биде нова фаза во политичката криза “, вели Џафери.

На прашање на  „Фокус“ дали ДУИ ќе влезе во преговорите за нова влада со мандатарот Груевски, за кого претходно Алијансата за Албанците најави дека ќе го бојкотира, со оглед на тоа што СЈО против него има отворено предмет во кој лидерот на ВМРО – ДПМНЕ е осомничено лице, Џафери одби дирекно да одговори, додаваќи само дека „прерано е да се коментира било што и дека ставот на ДУИ дополнително ќе биде соопштен, откако ќе бидат разгледани сите можни опции“.

С.М.

Поврзани новости